(видео) Велешани покажуваат интерес за мерките за вработување – над 90 апликации досега, повикот трае до 20 јуни

Објавено на 16 јуни, 2025 во 12:50

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година денеска беше презентиран во салата на Општина Велес. Оваа година, младите невработени граѓани до 29 години може да аплицираат и да добијат 10.000 евра неповратни средства или ако се над 29 години 7.000 евра, исто така, има можност и за здружување каде две млади лица до 29 години кои имаат добар бизнис план може да добијат 20.000 евра неповратни средства или за над 29 години можат да искористат до 14.000 евра.

Од почетокот на конкурсот, поточно од деветти јуни, до денеска, во агенцијата за вработување во Велес биле поднесени 90 апликации од страна на млади велешани кои имаат цел да отворат свој бизнис.

Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески при денешната посета во Велес објасни дека оваа мерка многу ќе значи за сите невработени кадри пријавени во Агенцијата за вработување и ги охрабри сите млади да аплицираат, бидејќи овој оперативен план годинава е најголем досега и изнесува 40 милиони евра и треба да опфати околу 16.500 невработени лица на ниво на држава.

Младата велешанка Александра Карагирова, сопственик на Центарот за стимулација, раст и развој „Старс“, е успешна приказна од оваа мерка. Таа во 2019 година добила грант од 5.000 евра неповратни средства, и денеска е успешен сопственик на три приватни центри низ државата.

Градоначалникот Марко Колев исто така се обрати со иста цел – да ги охрабри младите граѓани да аплицираат и да ја искористат оваа мерка.

Весна Пешова, в.д. заменик директор на Агенцијата за вработување, објасни дека на веб-страницата на агенцијата се објавени целосно сите мерки, како и критериумите, обврските и начинот на реализација, каде младите можат да најдат сè што им треба и да аплицираат до петок.

В.д. директор на Агенцијата за поддршка на претприемништво, Даниела Димовска, објасни дека заинтересираните, штом ќе се пријават во Агенцијата за вработување, им се прави селекција и потоа се упатуваат во Агенцијата за поддршка на претприемништво, каде задолжително мора да посетат дводневна обука. Таму им се подигнува претприемачкиот дух и добијваат основа за започнување на бизнис.

Конкурсот е отворен до петок, 20 јуни, и сите заинтересирани млади од Велес се повикуваат да аплицираат навреме во Агенцијата за вработување.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.