(Видео) Велешка „Питијада 2023“ е фестивал на вкусна велешка пастрмалија и добро вино, не е за концерти и странски уметници, велат организаторите
За промоција на традиционалниот специјалитет „Велешка пита пастрмалија“ и на македонското вино ја организираме „Питијада 2023“ а не за организирање на концерти на популарни пејачи надвор од државата, рекоа на денешната прес конференција градоначалникот Марко Колев и претседателот на Совет на Општина Велес, Зоран Љутков.
Тие се задоволни од одзивот на пекарите и на угостителите во Велес кои закупија поголем број на штандови коишто и годинава ќе бидат поставени на главната улица „Благој Ѓорев“, од двете страни на раскрсницата, спроти поранешниот ресторан „Панини“. Цената на една „пита пастрмалија“ ќе чини 220 денари или за 20 денари повеќе од минатата година. „Џиновската пастрмалија“ годинава ќе ја подготват пита мајсторите на пекара „Гемиџии“ кои го прифатија предизвикот за 20 сантиметри да биде подолга од минатогодишната која беше долга 4 метри.
Колев и Љутков се задоволни и од одзивот на винариите. Ќе ги има во доволен број за да придонесат за доброто расположение на велешани и гостите од соседството како и од Вардарски регион.
Забавниот дел годинава им е отстапен на познати македонски фолк и поп рок пејачи и групи. Во петок, на 6 октомври, кога свечено ќе биде отворена „Питијада 2023“ главни на сцената ќе бидат децата од ОЈУДГ„Димче Мирчев“ а потоа ќе настапат „5+ Бенд“, Ефто Пупиновски, „Пајак и Лара“ и „Некст Тајм“. Во сабота, на 7 октомври, во текот на денот сцената им е препуштена на „DJ Popeye“ и „Светот на Биби“ додека вечерта на Елена Андоновска, „2 Бона“ и „Меморија“. Во недела, на 8 октомври, на денската забава, ќе настапат децата од фестивалот „Поточиња“, велешките девојки од групата „D Chicks“ додека во рамки на вечерната забава „Тин Камп“, Игор Димовски – Пауза за ракија, “Бени & Нон Стоп“ и ДНК.
Гостите ќе уживаат во три огномети, по еден во сите три вечери на традиционалната манифестација на пастрмалија.
Велешката „Питијада“ во 2004 година ја иницираше и за прв пат ја организираше Фондација „Фокус,“ во поранешниот „Офицерски дом“. Потоа манифестацијата ја доби поддршката на Општина Велес која стана и официјален организатор.
Убавка Јаневска