ВИС „Адет“ пред велешани со концерт „Нишки од мелодија исткаени“ (фото и видео)

Објавено: 27 септември, 2026, во 11:55 часот

Во Ликовниот салон во Велес се одржа концертот „Нишки од мелодија исткаени“ на ВИС „Адет“ – Велес, во рамки на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј на Здружението на граѓани „Разбој“ – Велес.

-ВИС „Адет“ е новоформиран музички состав, кој оваа година започна со работа на иницијатива на ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ – Скопје и ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип, обединети од заедничката љубов кон традиционалната музика и желбата македонските мелодии да продолжат да живеат и да се пренесуваат на новите генерации, рече Христијан Саздовски.

На својот прв концерт во Велес, „Адет“ пред публиката се претстави со музичка програма во која традиционалните мелодии добија нов сценски израз, но ја задржаа својата препознатлива вредност и дух. Настанот беше можност младите музичари да покажат дел од својата досегашна работа, но и да испратат порака дека традиционалната музика има свое место и меѓу младата генерација.

Посебно значење на концертот му даде и неговата поврзаност со јубилејот на ЗГ „Разбој“, кое веќе две децении работи на зачувување и промовирање на културното наследство.

Но, со овој концерт ВИС „Адет“ не ја завршува својата приказна – напротив, тука продолжува неговиот музички пат. Младите членови на составот остануваат отворени за нови соработки, гостувања и можности за настапи, со желба преку својата музика да бидат присутни на различни културни и музички настани.

Од „Адет“ порачуваат дека секој нов настап е нова можност за средба со публиката, нова соработка и уште една нишка во музичката приказна која започна оваа година.

Патот на ВИС „Адет“ допрва започнува, а нивните следни настапи и соработки се можност јавноста повторно да ги слушне младите музичари кои со ентузијазам ја продолжуваат традицијата.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.