Владата на овоштарите во Росоман, годинава, им ги исплати штетите за три години
На сметките на 414 овоштарите во Росоман денеска државата започна да ги исплаќа финансиските средства за штетите од временски непогоди во 2016 година. Градоначалникот на општина Росоман Стојан Николов, за Дума.мк, изјави дека оваа исплата следи откако државата на 15 септември, годинава, им исплати 50 отсто од проценетата штета која се однесува на измрзнати насади со праски.
– На 15-ти септември,годинава, на вкупно 414 овоштари исплатени им се 7 милиони 15 илјади и 140,00 денари односно 50% од проценетата штета додека денес на нивните сметки се префрла втората половина која исто така изнесува 50 отсто од вкупниот износ. Во 2016 година проценетата штета ја утврдила Комисија формирана од страна на Општина Росоман. Вкупниот износ на штетите на овоштарите за 2016 година изнесува 14 милиони 30 илјади и 280 денари, додаде Николов.
Градоначалникот,исто така, информираше дека годинава, по донесена одлука на Владата, исплатени се и утврдените штети од измрзнување на праскарниците за минатата година.
– Врз основа на одлука на Влада бр41-3162/1 исплатени се 33милиони 760 илјади и 718 денари за временски непогоди за 2021 година. Со оваа одлука опфатени беа 729 овоштари во Росоман. Ним финансиските средства им беа префрлени на 13 април, годинава, рече Николов.
Годинава овоштарите во Росоман, исто така, ги добија и финансиските средства за штетите од временските непогоди за 2020 година. Станува збор за 133 овоштари на кои Владата им исплати обештетување за штети од град и измрзнување на праскарници во вкупен износ од 7 милиони 652 илјади и 550 денари.
Со денешната исплата, овоштарите и земјоделците во Росоман, годинава ги добија побарувањата на име на штети од временски непогоди за 2016 година, за 2020 година и за 2021 година.
Убавка Јаневска