Во Кочани и останатите македонски градови се погребуваа жртвите од пожарот во кочанската дискотека, во велешки Младински парк продолжи оддавањето почит (фото и видео)

Објавено на 20 март, 2025 во 15:56

Звукот на камбаната во велешката црква „Свети Кирил и Методиј“, точно напладне, го означи времето во кое треба да започне погребувањето на посмртните останки на жртвите во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во исто време групи од ученици од четирите средни училишта во градот започнаа да доаѓаат во Младински парк. Ова беше местото каде и денеска повозрасни граѓани доаѓаа, палеа свеќи и оддаваа почит на прерано загинатите млади кочанчани и на музичарите од македонскиот бенд ДНК. Скоро сите се запишуваа во Книгата на жалост а потоа седнуваа на клупите и молчеа.

„Одлучивме да останеме во Младински парк 59 минути од палењето на свеќите и за секоја жртва по една минута да одмолчиме. Така да им оддадеме почиткога веќе не можеме да отидеме во Кочани,“ рече една од групата средношколки и средношколци кои дојдоа во паркот.

Меѓу нив свое место најдоа и повозрасните граѓани чии очи полни со солзи говореа за трагедијата што се случи на 16 март во Кочани. Одмавнувајќи со главата возрасен маж кратко рече: „Меѓу тие деца, таму во Кочани, можеле да бидат и нашите внуци“.

Дума.мк преку фотографии ви ја пренесува денешната атмосфера во паркот помеѓу 12:00 и 13:00 часот во Велес.  

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.