Во Неготино одржан настан за заканите од инвазивен плевел, резултати од мониторингот и мерки за заштита

Во Општина Неготино се одржа завршниот настан од проектот „Екомисија“, посветен на сериозната еколошка закана што ја претставува инвазивниот плевел Solanum elaeagnifolium. Настанот, кој се одржа во салата на општинската зграда, собра претставници од научната фела, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, со цел информирање и поттикнување акција за справување со овој брзорастечки и опасен вид.
Кристина Тодорова, координаторка на проектот и дипломиран инженер агроном, ја потенцираше сериозноста на ситуацијата, укажувајќи дека мониторингот на терен во општините Неготино и Кавадарци открил широка распространетост на ова инвазивно растение, кое негативно влијае врз биодиверзитетот и земјоделското производство.
– Solanum elaeagnifolium е плевел што се шири тивко, но агресивно. Резултатите од нашите истражувања покажуваат дека е неопходно брзо преземање мерки за заштита на животната средина и адаптација кон климатските промени – нагласи Тодорова.
Присутните имаа можност да слушнат стручно излагање од проф. д-р Звонко Пацаноски од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, еден од водечките експерти за инвазивни растенија во земјата. Тој детално зборуваше за биолошките карактеристики на растението, неговите штетни ефекти и начините на кои може да се контролира неговото ширење.
Еден од највпечатливите делови од настанот беше изложбата на живи и хербаризирани примероци од плевелот, која им овозможи на посетителите директно да се запознаат со изгледот и морфологијата на оваа растителна закана.
Градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов, ја изрази поддршката од локалната самоуправа за проекти од ваков тип.
– Општина Неготино стои зад секоја иницијатива што го унапредува квалитетот на животната средина, ја поттикнува научната работа и го мобилизира граѓанското општество кон одржлив развој – рече Стојанов.
Проектот „Екомисија“ е поддржан од Владата на Шведска и претставува успешен пример за спојување на научните истражувања, граѓанскиот ангажман и институционалната поддршка во борбата против климатските и еколошките предизвици.
Дума.мк
