(Обновено) Во сообраќајна незгода утрово велешанец се здобил со тешки повреди, пренесен на скопска клиника
Педесет и осум годишниот Т.А од Велес, рано утрово во сообраќајна незгода се здобил со тешки телесни повреди на глава констатирани во ЈЗУ Општа болница Велес. Како што информира порпаролката на велешка болница Марина Андова, велешанецот утрово во 05:00 часот бил донесен во ургентната единица по што бил упатен на Оддел за радиодијагностика кадешто му било направено КТ на цело тело и констатирани му биле тешки повреди на глава. Поради тежината на повредите велешанецот бил транспортиран на Ургентен центар Скопје.
Заедно со него утрово во ургентна единица бил донесен и 24 годишниот велешанец Т.И кој во сообраќајната незгода се здобил со полесни повреди.
-Кај 24 годишниот Т.И направен е КТ на цело тело, констатирани се нагмечувања без скршеници и задржан е на Оддел за ортопедија и трауматологија на понатамошна опсервација, додава Андова.
Тешко повредениот велешанец повредите ги здобил во сообраќајна незгода што се случила на улица „Андон Шурков“ во Велес. Поточно, како што информира портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска, 24 годишниот Т.И со мотоцикл „пијаџо беверли“ удрил во 58 годишниот велешанец.
Сообраќајната незгода во СВР Велес била пријавена околу 04:55 часот и по овластување на јавен обвинител увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.
Стефани Манева