Во велешката Итна помош зголемен бројот на повици, чести се појави на колабирани граѓани поради високите температури
Повиците како и прегледите во амбуланта и на терен на велешката Итна медицинска помош се зголемени како последица од високите температури кои од почеток на месец јули се искачуваат и над 45 степени. Од први до 15 јули, годинава, направени се вкупно 1.056 прегледи во амбуланта и на терен. Началничката на Итна помош, д-р Василка Пановска Поп – Стефанова рече дека многу често колабираат граѓани поради високите температури но и дека е зголемен бројот на повици од хронични пациенти.
-Се појавуваат и пациенти со покачен крвен притисок, пациенти кои имаат дијареа и повраќање како и оние хронични пациенти коишто треба редовно да ја примаат својата терапија. За 15 дена, поточно од почеток до средина на месец јули направени се 302 прегледи во амбуланта преку ден и 466 прегледи преку ноќ, додека на терен се направени 162 прегледи преку ден и 126 преку ноќ. Услуги на терен од страна на сестра направени се вкупно 184 од кои 174 преку ден и 10 прегледи преку ноќ, објасни д-р Пановска Поп – Стефанова.
Се апелира до граѓаните да не излегуваат од своите домови во период од 10:00 до 17:00 часот на овие високи температури, да козумираат повеќе течности, добро измиено овошје и зеленчук и да носат светла облека доколку имаат потреба да излегуваат од дома. Хронично болните пациенти редовно да ја примаат својата терапија и за било каква промена на здравствената состојба да се консултираат со лекар.
Стефани Манева