Во велешко АХВ ќе спроведе симулациска вежба за болеста африканска чума кај свињите

Објавено на 6 март, 2025 во 12:21

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации  –  (FAO), на 11 и 12 март годинава, ќе спроведе симулациска вежба за болеста африканска чума кај свињите. Теоретско практичниот дел од симулацискта вежба ќе се одржи на 11 март, вторник, во Велес, а теренскиот на 12 март, во Башино село.

„Ја известуваме јавноста од општина Велес и локалното население во Башино село, дека не станува збор за реална ситуација и појава на болест, туку за активности на Агенцијата поврзани со симулациската вежба, пишува во соопштението за јавност на АХВ.

Целта на вежбата е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста африканска чума кај свињите, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ. Преку вежбата, по однапред утврдено сценарио и доделување на улоги на учесниците, ќе се реализираат активности во случај на појава на болеста на  африканска чума кај свињите. По спроведување на вежбата, ќе се направи евалуација на подготвеноста на Планот за итни мерки и ќе се утврдат добрите и лошите страни на одговорот при евентуална појава на болеста, кои можат да го згрозат здравјето и благосостојбата на животните.

Како што информира АХВ, на симулациската вежба ќе учествуваат претставници од Агенцијата на Ветеринарната комора на РСМ, на Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, на експерти од Европската унија, претставник oд Секторот за шумарство и ловство при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, на здруженијата  на одгледувачи на свињи и претставник од Ловечка федерација на Македонија.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.