Во завршна фаза е реконструкцијата на црквата Свети Димитрија во Кавадарци
Пред пет години, во мај 2016 година, после велигденските празници се започна со целосна реконструкција на црквата Свети Димитрија во Кавадарци. Најголема причина за реновирање беше дотраената покривна конструкција.
Архитектот Благој Здравев од Штип изгработи прекрасен проект кој веќе се финишира. Се поставија нови армирани темели, прилепени на старите. На средина од црквата сега има осум аголна купола висока 14,5 метри. Инсталирано е подно греење во мозаичниот под. Црквата има целосно нов иконостас, нацртан од тајфата Свети Наум Охридски, која го фрескоживописа целиот храм во стар византиски стил на цртање.
Надворешните ѕидови се обложени со травертински камен и тули кои и даваат посебна убавина на црквата. Поставени се и нови полиелеи. Во моментов се работи на средување на дворот.
Од старешината на црквата, отец Мартин Денески бевме информирани дека осветувањето на реконструираниот храм е закажано за 10 октомври годинава.
Црквата Свети Димитрија е изградена во 1834 на иницијатива на Диме Велков од Кавадарци и е осветена на Митровден истата година.
Ангел Данов