Воденичарова,Нечева,Славевска,Мишкова,Наумова и Гргиќ му обезбедија на велешки Црвен Крст прво место на Државен натпревар по прва помош (Фото)
Волонтерките Бојана Воденичарова, Марија Нечева, Теа Славевска, Верица Мишкова, Елена Наумова и Ива Гргиќ беа во составот на екипата по давање прва помош и на велешки Црвен Крст му го обезбедија првото место на 29 Државен натпревар на екипите по прва помош во Македонија. Тие се ученички на ССОУ„Димитрија Чуповски“ и победници на општинскиот натпревар во прва помош во Велес.
Овие девојки ги постигнаа најдобрите резултати, бодувани од вкупно 16 судии, сите лекари, на натпреварот што во саботата, на 23 септември, се одржа во Младински парк Велес.
„Општинската организација на Црвен Крст Велес за прв пат е Државен првак на Македонија во натпревар по давање на прва помош во Македонија. Досега ова е второ искачување на победничкиот пиедестал на велешката организација чија екипа пред 10 години има освоено трето место. Им благодариме на волонтерките, на нивната посветеност за стручна, брза, навремено укажана прва помош којашто беше прикажана на натпреварот. Се надеваме дека нивните стапки ќе ги следат сите останати наши волонтери и ќе носат уште награди во Велес кој, исто така, важи за хуман град,“ рече секретарот Орце Николов.
На државниот натпревар, годинава, второто место го освои екипата на Црвен Крст од Струмица а третото место и припадна на екипата на Црвен Крст од Куманово. Година Државниот натпревар по прва помош се одржа под мотото „Првата помош спасува живот“.
Исто така, на државниот натпревар учествуваа 30 екипи со 80 волонтери и 40 манекени кои беа во улога на повредени. Волонтерите се натпреваруваа во две траектории. На секоја траекторија имаше по пет работни позиции по првата помош на кои беа опфатени 13 повреди и една реанимација за срцево белодробно оживување.
Освен по пожртвуваноста и хуманоста, волонтерите на Црвен Крст на Македонија, учесници на 28 Државен натпревар по прва помош во Велес ќе останат запаметени и по виско развиената еколошка свест. Сите на крајот на манифестацијата го собраа пластичниот и други видови на отпад во Младински парк Велес во 24 вреќи за ѓубре и кутии коиштои фрлија во контејнер.
Убавка Јаневска