Волонтери на Црвен крст Велес трет ден делат вода на пеколни температури
Волонтерите на Црвен крст – Велес, трет ден, ги поминуваат најфрекфентните улици во градот и делат шишиња со ладна флаширана вода, во временскиот период од 13:00 до 16:00 часот, кога температурите искачуваат и до 40 степени под сенка.
Мобилниот тим на велешкиот Црвен крст, со едно возило ги поминуваат најфрекфентните локации и автобуски постојки во градот, и кадешто ќе забележат граѓани, застануваат, подаваат вода како и флаери за заштита од топлотен бран, правилна исхрана и за заштита од шумски пожари.
-Волонтерите секојдневно ни пренесуваат информации и морам да потенцирам дека многу е мал бројот на граѓани коишто се движат по улиците во овој временски период, што посебно не радува. Тоа значи дека нашите сограѓани, велешани, ги почитуваат препораките за заштита од топлотен бран, рече Орце Николов од велешки Црвен крст.
Тој потенцираше дека како организација ја имаат променето техниката за распределба на флаширана вода, што значи дека наместо да делат вода на поставени пунктови сега тие ги обиколуваат улиците низ градот. Оваа практика е променета бидејќи граѓаните се движат на разни локации но покрај нив, од тропските горештини заштитени се и самите волонтери.
Тие ќе продолжат со оваа активност се додека трае топлотниот бран со портокалова фаза.
Стефани Манева