Возот повеќе нема да застанува на станица Ореше – жителите револтирани
Патничките возови коишто сообраќаат на релација Скопје – Битола – Скопје, повеќе нема да застануваат на попатната станица Ореше. Оваа одлука на македонски железници предизвика револт кај граѓаните, посебно кај планинарите коишто од станица Ореше пешки се упатуваа кон Папрадиште. Игор Смилев од ЕГ „Грин Пауер“ за Дума.мк рече дека со укинувањето на оваа станица дупло им се зголемува патот бидејќи од Ореше до Папрадиште е околу еден час одење пеш а од станица Богомомила, на којашто треба да се симнуваат сега, одењето трае два и пол часа.
– Ова е голем удар за планинарите и за жителите од село Ореше и Папрадиште на коишто им беше омилена оваа станица и често ја користеа. Ова е сериозен, неразбирлив удар врз развојот на алтернативниот и планинарскиот туризам како и врз развојот на животот на двете села, додаде Смилев.
Дума.мк ги исконактира и македонски железници транспорт од кадешто велат дека оваа станица е укината поради малиот број на патници коишто се симнуваат на истата, но доколку граѓаните имаат потреба од запирање на истата потребно е да поднесат писмени барања.
-За патување кон Ореше се продаваат 200 билети. Бидејќи секојдневно нема вадење на билети од страна на патници кои патуваат до оваа железничка станица донесовме одлука дека нема потреба од застанување на возовите. За групни патувања можат сите патници да ни се обратат писмено и тогаш можеме да разговараме и да се договориме возовите со коишто патуваат да им застанат и на станицата во ова село, рече Сашо Јовановски од МЖ Транспорт.
Инаку во Книшката за возен ред има измени за повеќе станици и истите важат од 1 јули годинава и ќе бидат составен дел на четврти измени и дополнувања на возниот ред 2022/2023 година.
Стефани Манева