За да влезе во велешка „Колска“ на избраната фирма „Трени Балкани“ ДОО од Босилево и остануваат уште десеттина дена

Објавено на 28 март, 2025 во 14:04

Освен што Централен регистер го објави на својата веб страница решението на Основен суд Велес испратено е до сите доверители на единствената македонска фабрика за шински возила „Колска“. Во законската постапка што тече сите имаат право на жалба во рок од 8 дена. Оваа постапка е законска обврска иако планот за  реорганизација на Фабриката изготвен од страна на фирмата „Трени Балкани“ ДОО од Босилево, на рочиштето одржано на 19 март, годинава, беше прифатен од сите доверители. Постапката мора да се реализира за да се стекне со правосилност и извршност решението на Основен суд Велес.

По стекнување со правосилност и извршност на решението ќе течат роковите за реализација на планот за  реорганизација на Фабриката за шински возила „Колска“ од Велес, рече стечајниот управник Димитар Аџиев.

Тоа значи дека потоа фирмата „Трени Балкани“ ДОО од Босилево со партнерите од Италија и Албанија ќе можат да влезат во „Колска“.   

На рочиштето во Основен суд Велес, судијката Дара Арсова, го констатираше долгот во висина од околу 77 милиони денари на велешка „Колска“. Од вкупната сума 62 милиони денари или над 1 милион евра или 83 отсто се долг на велешката фабриката за шински возила кон доверителот Управа за јавни приходи – Регионална дирекција Прилеп додека на списокот на помали доверители со вкупно 17 отсто се наоѓаат фирмата „Техно Гас“ од Скопје, ЈП Македонски Железници, ЈКП„Дервен“ и неколку пензионери кои чекаат исплата по основ отпремнини за пензионирање.

Исто така, во неизвесност се и 43 работници, кои останаа на работа во „Колска“, по основ на неисплатени две плати како и регрес за годишен одмор. Тие се надеваат дека Владата ќе им ги подмири овие обврски.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.