Закупци бараат а Општина Велес соопшти дека не може да им ги продолжи договорите (фото и видео)
Единаесет велешани ќе останат без работа по пренамената на општинскиот деловен во простор за потребите на проектот „Европска куќа“ во Велес заклучи на денешната прес конференција сопственикот на обложувалница „Марбет“,Ангел Јанакиев. Просторот се наоѓа на приземјето на поранешната синдикална зграда, во центарот на градот, и го користат освен обложувалницата и продавницата „Голубови“. Според Јанакиев Општина Велес предвреме им ги раскинатала договорите а постапката била не европска.
–Во просторот, во центарот на Велес, ние успешно остваруваме дејност веќе 14 години. Со едностраната одлука за раскинување на договорите, во време на тешка економска и енергетска криза, по помината ковид пандемија а плаќавме ќирија и останати давачки ќе биде причина 11 наши сограѓани да останат на улица. Мислиме дека со овој не европски гест не се гради европска перспектива, рече Јанакиев.
Тој додаде дека верува во намерата на градоначалникот да направи нешто добро во градот но потенцираше дека во истиот ред на деловните простории се наоѓа и „Туристичко биро“ кое две години не работи иако е отворено со европски пари.
-Зачудува уште една работа што не иритира. Во останати градови во државата Европска Унија отворила „Европска куќа’ со барање за простор од минимум 80 м2. Општина Велес за „Европска куќа“ нуди 300 м2 со што ние автоматски ги губиме нашите дуќани а се добива огромен простор за којшто ние не знаеме за што ќе биде искористен., додаде Јанакиев.
Тој ја поттикна општината да мисли и на еснафот во градот како и да овозможи од една страна сите да работат за парче леб а од друга страна да се реализираат проекти како што е посочениот кој им го земал просторот во кој што работат. Јанакиев, во исто време, пренесе мислење дека во синдикалната зграда може да има место за сите и апелираше до евроамбасадорот Гир, градоначалникот Колев и министерот за локална самоуправа Пенов да ја преиспитаа одлуката за отворање на „Европска куќа“во Велес за да овозможат развој на Велес, во кој секој ќе учествува на свој начин.
За раскинувањето на договорите за закуп на двајцата закупувачи во синдикалната зграда Дума.мк побара став од Општина Велес.
Во писмениот одговор пишува дека Договорот што општината го склучила со закупците на просториите во зградата на Синдикатот пишувало дека може да го раскине еднострано во отказен рок од 30 дена како и дека доколку дојде до престанување на правото на користење на просторијата, на закупецот му се дава рок од 30, односно 90 дена, да ја испразни и врати во првобитната состојба.
„Закупците на просториите во сопственост на Општина Велес, во неколку наврати одржаа состаноци со службите на општината и градоначалникот Марко Колев. На 29.09.2022 година Општина Велес испрати писмо со известување до закупците на просториите дека до 31.12.2022 година треба да ги испразнат просториите и да ги вратат во првобитната состојба.Просториите во синдикалната зграда се најсоодветни за потребите за отворање на Европска куќа и одговаат на критериумите на ЕУ: просториите да бидат во сопственост на Општина Велес, да бидат во централното градско подрачје, да располагаат со простор од 80 до 100 метри квадратни и да имаат пристап за лицата со попречености“, пишува во ставот на Општина Велес
Од таму додаваат дека проектот „ЕУ куќа“ бил подготвен и Делегација на ЕУ била во постапка за избор на фирма со што овој процес веќе е навлезен во реализација.
Убавка Јаневска