Викендов во Кавадарци „Тиквешки гроздобер 2022“
Празнувањето на грозјето и виното во Кавадарци, поточно, манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ која по пауза од две години, поради ковид пандемијата стартуваше од петокот. Почна со трка на келнери на градскиот плоштад. Најдобар меѓу учесниците на ова натпреварување беше деветнаесет годишниот Гоце Ризов, келнер во „Брик бар“ во Кавадарци. Организаторот за освоеното прво место му додели парична награда и медал.
Музичкиот дел од манифестацијата го започна „4 band“, а во вечерните часови за најмладите настап имаа „Зи бомб“ и „Нучи и Војаж“.
Градскиот плоштад беше исполнет. Кавадарчани викендов беа домаќини на оваа забавно културна манифестација.
Имаше и „таблијадата“. Пријавени беа голем број учесници, а табла заигра и градоначалникот Митко Јанчев. И овој настан се одржува традиционално за време на Тиквешкиот гроздобер.
Градска рута возеа точакџиите, а беше отврена и изложба „Крал на алкохолот“ – фото-документарен проект, кој вклучува визуелна изложба на фотографии, прикажувајќи го традиционалниот кафеански живот во Тиквешкиот регион, со фокус на градот Кавадарци.
За најмладите настап имаа учесниците во детскиот фестивал „Гроздоберче“.
Забавата траеше со богата музичка понуда. Настапуваа Игор Џамбазов со Гуру харе, Огнен Здравковски и балканската ѕвезда Харис Џиновиќ.
На гроздоберски ден имаше и изложба на олд тајмери. Се одржа и карневалското дефиле со голем број учесници од Кавадарци, Македонија и соседните држави. Последната вечер настапува Антониа Гиговска и Горан Бреговиќ.
Ангел Данов