Зимава, граѓаните и малите потрошувачи не треба да стравуваат од рестрикции на струја уверуваат од ЕСМ
Во изминатите десеттина дена ТЕЦ Неготино произведува дневно по 2 милиони кw/часови електрична енергија. Производството се реализира со една турбина ставена во погон. Директорот на термоелектричната централа уверен е дека ќе ги исполнат обврските кон АД „ЕСМ“.
-Произведените дневно 2 милиони кw/часови ни даваат за право да соопштиме дека ќе го исполниме во целост договорот за деловно техничка соработка со АД „ЕСМ“, рече Небојша Стојановиќ директор на ТЕЦ Неготино.
АД„ЕСМ“ и обезбеди на неготинската термоелектрична централа 38.000 тони мазут за потребите од производство наструја. Набавката ја направила една од вкупно шесте лиценцирани компании во државата којашто се јавила на тендер. Набавената количина ќе биде доволна за работа на ТЕЦ Неготино до првата половина на месец јануари, в година, информираше директорот Васко Ковачевски .
-Според планот за јавни набавки на АД„ЕСМ“ во месец јануари ќе се отвори нова постапка за набавка на дополнителни количини за потребите во наредните четири месеци, до април 2022 година, до кога сметаме дека ќе има потреба да работи ТЕЦ Неготино. Доколку техноекономската анализа покаже дека има исплатливост тогаш ќе реализираме и трета фаза, додаде Ковачевски.
Испораката на мазут се очекува да биде континуирана во цела зимска сезона. Тоа значи дека граѓаните и помалите потрошувачи не треба да очекуваат рестрикции. Во екот на енергетската криза АД „ЕСМ“ ги стави во полн капацитет сите домашни енергетски постројки. „РЕК“ Битола работи со два блока. Во моментов електрична енергија произведува и Термоелектраната „Осломеј“. Според проценките на стручњаците во полза на производството на домашна струја е и моменталниот хидропотенцијал.
-Останува во месец јануари да ги вклучиме третиот блок во „РЕК“ и вториот котел во „ТЕЦ“ Неготино. Тоа ќе значи дека севкупните капацитети на државата, двете акционерски друштва АД „ЕСМ“ и „ТЕЦ“ Неготино ќе бидат во функција, ќе произведуваат електрична енергија. Обврската што ни ја даде владата да го снабдуваме сто проценти „ЕВН“ дополнително не поттикнува да го зајакнеме електроенергетскиот систем и да воспоставиме континуитет на испорака на електрична енергија затоа што граѓаните и малите потрошувачи не треба да имаат рестрикции, додаде Ковачевски.
Во соседството и во регионот има недостиг на електрична енергија. Во некои соседни држави воведени се и рестрикции. Двете електроенергетски македонски компании и од „Мепсо уверуваат дека тоа на Македонија нема да и се случи. Тие тврдат дека во функција се ставени сите производители со кои ќе се постигне максималното сто процентно производство на струја. Како гаранција на нивните очекувања ги издвоија и дополнителните ископи на јаглен во рудници „Рек“ и во Берово како и увозот на овој вид енергенс, во поголеми количините, од Косово и од Албанија. Исто така редовно се увезува и мазут во државата преку количини што пристигнуваат од пристаништето во Солун, соседна Грција.
Убавка Јаневска