(фото) Јубилејна три децениска средба на ветераните на ОК „Борец“ Велес
Цели триесет години ветераните одбојкари на „Борец“ една од своите средби во годината ја посветуваат на дружење по повод испраќањето на старата и пречекот на новата година. Освен што ги полнат личните албуми со фотографии, овие средби, ветераните ги користат за да се присетат на сите успеси коишто ги постигнуваа додека на себе го носеа дресот на екипата којашто во 80-тите години се натпреваруваше во Прва Југословенска лига. Влегувањето на „Борец“ во оваа А лига ја полнеше спортската сала на тогашното основно училиште „Благој Ќирков“ со публика која чекаше и по неколку часови за влез. Поддршката што ја добиваа од верните навивачи освен за играчите се однесуваше и на тренерите и управата на клубот. Подоцна, по распадот на поранешната држава, за ОК „Борец“ треба да се спомне дека се натпреваруваше и во Прва Македонска одбојкарска лига.
Кога се пишува за денешните велешки одбојкари ветерани, неизбежно е да се вбројат во спортистите на еден од најтрофејните спортови во последните две децении на минатиот век во градот. Исто така, и да се спомнат нивните имиња Жабев Александар – тренер, Ботарев Сазде –капитен, Анѓушев Душан, Др. Арсов Ѓоре, Сашко Миланов, Петре Димитриев, Ристе Трајковски, Зоран Гинов, Јованче Манасков, Илија Коцев, Слободанчо Марковски, Др. Зоран Јовановски, Горан Јанакиевски, Христијан Андовски , Благој Андовски, Никола Чоков, Сашко Атанасов, Драган Михајлов и Љупчо Настов. Можеби некој од заслужните е и пропуштен но тоа е само заради фактот што не се наоѓа на овие фотографии.
Убавка Јаневска