Фудбалерите на „Борец“ физички подготвени, изостана реализацијата
Екипата на ФК„ Борец“ загуби со 1:0 од составот на ФК „Воска“ од Охрид во кој тренерите на обете екипи дадоа прилика на четириесеттина фудбалери да покажат до каде се со подготовките. Резултатот не беше во прв план. Очигледно беше дека физичката спремност е одлична но кај велешани изостана реализацијата.
По подолго време на градскиот стадион имаше и гледачи кои со нетрпение го чекаат стартот на првата фудбалска лига закажан за 8 ми Август.
На градскиот стадион беше присутен и Трајче Трајков минато сезонскиот капитен на „Борец“ кој на натпреварот со скопски „Вардар“ се здоби со тешка повреда на вкрстените лигаменти на коленото. Трајков е оптимист.
-Повредата е минато, опериран сум успешно и одлично се чувствувам. За две седмици имам преглед по што очекувам дозвола да започнам да ја оптоварувам ногата. Се надевам дека ќе бидам подготвен за вториот дел на сезоната, рече Трајков.
До почетокот на првенството „ Борец“ ќе одигра уште еден контролен натпревар со екипата на „Беласица“ од Струмица.
Лазар Лазаровски