Меѓународен турнир во борење, слободен стил, “Љубомир Коцев Листон“ во Велес, домаќините најдобри (ФОТО)
Во организација на Железничарскиот борачки клуб „Борец“ во спортската сала “Гемиџии” во Велес се одржа традиционалниот Меѓународен турнир во борење слободен стил “Љубомир Коцев Листон“.
За најдобар борач е прогласен Ердин Зејнелов преставник на „Борец“ во категоријата до 66 кг додека за најдобар техничар,неговиот брат Полат Зејнелов во категорија до 46 кг.
Игор Мицевски тренерот во ЖБК „Борец“ е задоволен од целиот настан.
-Одличен турнир, беспрекорно организиран на кој настапија 94 борачи, во машка и во женска конкуренција, во категориите пионери и кадети. Учество земаа сите екипи од државата и како меѓународни гости борачите на „Качаник“ од Косово. Жалам што заради актуелната ситуација поврзана со ковид пандемијата не пристигнаа спортистите од другите најавени држави. Одлично е што се почитуваа сите здравствени мерки и што се помина во најдобар ред, додаде Мицевски.
По повод 60 години борење во Велес и постоење на клубот беа доделени признанија на поединци и институции за допринос во развојот на борењето во градот.
На легендата на велешкото борење, Ангел Мицевски – Скакар, му беше доделена дијамантска плакета како благодарност за се што овој поранешен врвен борач и сега спортски ветеран го вложи и направи за развој како и за афирмација на боречкиот спорт во родниот град, во државата и во странство.
Лазар Лазаровски