Младиот велешанец Роберто Димитриевски прв на 10 километри во хуманитарната трка за Кочани во Скопје

И покрај дождливото време, младиот велешанец Роберто Димитриевски го освои првото место на 10-километарската хуманитарна трка „Сите за Кочани – Трчаме заедно“, што се одржа на Средно Водно во Скопје.
Иако иста трка беше организирана и во неговиот роден Велес, Роберто одлучи да се натпреварува во Скопје, бидејќи само неколку часа претходно учествуваше и на трката организирана од „Зегин“, која исто така се одржа во главниот град.
-Среќен сум што победив на трката која беше напорна поради дождот, но се вклучив за да ја искажам хуманоста кон своите врсници од Кочани на кои им е потребна понатамошна рехабилитација. Ние младите треба на дело да се помагаме и да дадеме поддршка кога е најпотребно. Од Велес утрово со воз дојдов во Скопје. На патеката на Средно Водно ниту обилниот и непрекинат дожд не ме спречи да дадам сè од себе и да победам и со тоа им ја дадам својата поддршка на оние на кои им е најпотребна помош во нивната тешка трка за опоравување, изјави Роберто по трката.
Хуманитарната трка се одржа по иницијатива на Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Европска куќа во шест градови низ државата, по повод Денот на Европа. Собраните парични средства ќе бидат уплатени на сметката на Црвениот крст и наменети за настраданите граѓани од Кочани, на кои им е неопходна рехабилитација и опоравување.
Стефани Манева
