Осми „Велешки пливачки маратон“, во недела на езеро „Младост“
Триесет пријавени учесници и меѓу нив македонските врвни пливачи Александар Илиевски и Евгени Поп Ацев се учесници на годинешниот „Велешки пливачки маратон“. Илиевски и Поп Ацев ќе се натпреваруваат во официјалната маратонска трка. На маратонот ќе присуствува и Томи Стефановски, најдобриот македонски маратонски пливач.
Традиционално, стартот и целта на пливачкиот маратон се пред ресторанот „Бела вода“. Пливачите ќе се натпреваруваат во четири категории, на 800 метри за деца до 11 години, на 2.500 метри за рекреативни пливачи и учесниците во категорија на деца повозрасни од 14 години додека маратонците ќе пливаат на пет километри.
-Поради безбедноста на пливачите годинава имаме измени на патеката. Таа ќе биде скратена на половина со тоа што ќе се пливаат двојно повеќе кругови. Значи должината останува иста но ќе се плива двојно за да ни бидат на видик сите пливачи, рече Роберт Папазов, член на Организациски одбор на велешки пливачки маратон.
Организатор на традиционалниот маратонот е Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ од Велес, маратонот ја има техничката поддршка на Општина Велес, на Црвен крст Велес и на Кајак клубот „Бабуна“.
-И оваа година, покрај ковид ссостојбата, успеавме добро да се организираме. Би сакал да упатам покана до сите љубители на спортот, особено до љубителите на маратонското пливање, да ни се придружат но ги замолувам да се придржуваат на протоколите за заштита од Ковид 19, рече градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
Маратонот ќе се одржи во недела на 19 септември. Почетокот на маратонот е во 10 часот, кога во водите на езерото, ќе запливаат рекреативните пливачи додека почетокот на професионалната трка е час подоцна, во 11 часот. Прогласувањето на победниците ќе се одржи помеѓу 13 и 14 часот.
Лазар Лазаровски