Outdoor Festival „АЗОТ 2025: И покрај лошото време, преку 200 учесници уживаа во авантурата

Изминатиот викенд, во живописното село Богомила, регионот Азот повторно стана центар на љубителите на планинскиот велосипедизам, планинарење и outdoor активностите. Во организација на здружението „Велес Бајкинг“, а со поддршка од Општина Чашка, Општина Велес и неколку општествено одговорни компании, се одржа 11-тото издание на најголемиот outdoor фестивал во државата – „АЗОТ 2025 МТБ Предизвик“.
Фестивалот се одвиваше три дена, исполнети со активности, дружење и многу позитивна енергија. Иако временските услови не дозволија да се реализираат сите планирани спортски активности – меѓу кои и велосипедските тури, планинарската прошетка и планинското трчање – фестивалот сепак успеа да собере над 200 учесници од цела Македонија.

Во саботата, според предвидената програма, дел од учесниците возеа кон Манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“ во селото Согле. И покрај дождливото време, околу 10 велосипедисти се одважија на оваа рута, покажувајќи голема решителност и љубов кон спортот.

Особено внимание привлече и детската цикло крос трка, во која учествуваа дваесетина дечиња поделени во три категории. По завршувањето на трката, сите учесници добија благодарници, во знак на признание за нивната храброст и ентузијазам.

Вечерта во фестивалскиот камп беше резервирана за добра музика и дружење. Настапот на скопскиот рок бенд White Wall донесе енергија и возбуда, и создаде незаборавна атмосфера под ѕвездите.

На главниот ден од фестивалот, и покрај откажаната тура, учесниците останаа да се дружат, фотографираат и разменуваат искуства. Организаторот додели благодарници на сите здруженија и клубови кои ја покажаа својата поддршка со присуство на настанот. Круна на денот беше заедничкиот ручек со традиционално армиско гравче, кој го заокружи дружењето на најдобар можен начин.
Настанот беше збогатен со присуство на најголем број членки на Македонската Асоцијација на Аматерски Велосипедски Здруженија и Клубови како и неколку планинарски клубови од различни краеви на земјата.

Со својата големина, организација и одлична атмосфера, „АЗОТ 2025 МТБ Предизвик“ уште еднаш го потврди своето место како најголем outdoor фестивал во Македонија и водечки туристички промотор на регионот Азот.
Велес Бајкинг – Велес продолжува со својата мисија: да ја промовира природната убавина, здравиот живот и спортскиот дух меѓу граѓаните на Македонија.
Стефани Манева
