Петар Даев и Марија Коцева победници на хуманитарната трка „Сите за Кочани – Трчаме заедно“ оддржана во Велес

Петар Даев и Марија Коцева се победниците на денешната хуманитарна трка „Сите за Кочани – Трчаме заедно“ што утрово се одржа во Градскиот парк во Велес. Во машка конкуренција, второто место го освои Јованче Јанев, а трет беше Дарко Личовски. Кај жените, на второ место заврши Ања Трајковска, додека третата позиција ѝ припадна на Благица Орешовска.

И покрај дождливото време, Градскиот парк беше полн со луѓе – тркачи, поддржувачи и граѓани кои дојдоа да дадат поддршка за хуманата цел. Исполнетоста на паркот и големиот одѕив денес зборуваа повеќе од илјада зборови – обединети од една заедничка цел: хуманоста.

Настанот беше дел од голема заедничка акција која се одржува истовремено во седум града од мрежата на Јуроп Хаус низ државата, поточно во Велес, Скопје, Битола, Струмица, Струга, Крива Паланка и Тетово. Трките започнаа во 10 часот, а учесниците имаа слобода да трчаат или да пешачат во свое темпо – најважно беше присуството и поддршката за Кочани. Секоја котизација од трката директно оди преку Црвениот крст за заедницата во Кочани, а поставени беа и кутии за донации со можност граѓаните дополнително да придонесат.


Инаку, настанот се одржа по повод Денот на Европа, а организатори беа Делегацијата на ЕУ и Јуроп Хаус, со поддршка од амбасадите на земјите членки на ЕУ во духот на #TeamEurope.

-Драги пријатели, денес сите сме победници. Браво за издржливоста и солидарноста! – беше пораката со која организаторите им се заблагодарија на сите учесници.

Велес денес уште еднаш покажа дека е град на солидарноста, а велешани – луѓе со големо срце, секогаш подготвени да помогнат таму каде што е најпотребно.
Стефани Манева
