На ЖФК „Борец“ му треба повеќе внимание и поголема финансиска поддршка

Објавено на 28 октомври, 2013 во 12:54

Талентирани, вредни и воинствени на теренот. Тоа се девојките на ЖФК „Борец“ кои последениве години покажуваат и докажуваат дека фудбалот не е само игра на мажите. За нив воопшто не е тешко да се осмисли и реализира игра на теренот, да се организира напад на противничкиот и да се стигне навреме пред сопствениот за да се спречат противничките да постигнат гол.

Тие кондицијата вредно ја подигнуваат на секој тренинг, најчесто на помошното фудбалско игралиште во градскиот парк. Тогаш се договара и стратегијата како да се совлада секој нов противник. За тоа е задолжен тренерот Тоше Нацев.

Тој  на тренингот на кој ги посети екипа на Дума.мк, рече дека е задоволен од талентот на девојките кои сега го носат дресот на женскиот градски фудбалски клуб и од резултатите што ги постигнуваат.

– Ме радува фактот што ја поддржуваат мојата стратегија за игра. Имаме одлични првотимки. На тимот му требаат  уште неколку појачувања. Ако успееме во намерата на велешани ќе им приредиме уште многу победи. Ова е тим кој има иднина. Сакам да кажам дека во Велес има талентирани девојки за фудбал. Тоа е многу значајна работа за развојот  на овој спорт.  Втор значаен предуслов е што сите вредно работат на развој на талентот. Ако во натпреварите успеат да го пренесат искуството кое несебично им го предаваме воопшто не се сомневам дека ќе ја повториме успешната приказна од пред неколку години кога на Велес му го донесовме пехарот на првата македонска женска фудбалска лига, рече Нацев.

Фудбалерките, додека тренираа на теренот,  ја слушнаа изјавата на тренерот. Тие сметаат дека „мајсторот“, како што го нарекуваат Нацев, ја кажува вистината. Во разговорот со нив  многу отворено проговорија за потребата од нови тренерки, дресови, копачки, штитници не затоа што не се задоволни од спонзорот туку затоа што тоа го наметнува реалната потреба ако се сака  да се биде прв во лигата, да се прикаже солидна игра, постигнат голови и да се победи. Се ова е поврзано со повеќе пари.

– Тоа се основни работи кои се потребни за да продолжиме со добра игра и постигнување на резултати. И покрај тоа што ние веќе еднаш ја освоивме титулата имам впечаток дека на нас не се гледа како на колегите мажи. Работите треба да се менуваат и ни треба поголема поддршка од бизнис заедницата во градот, рече капитенот Ангела Гиновска.

Фудбалерките се многу критични девојки.  И покрај победата во дуелот со кумановки јавно признаа дека на натпреварот потфрлиле. Секоја од нив кажуваше дека во мрежата на противничките ќе имаше повеќе голови ако подобро им функционираше пасот, ако ја раширеа играта на целиот терен, ако го организираа подобро нападот и не се раководеа само од желбата да дадат гол повеќе.

– Во играта не е потребна само добра физичка кондиција. Стратегијата ја градиме заедно со тренерот но често умееме да избрзаме, да дозволиме да не понесе само желбата да дадеме гол, да го потцениме противникот во смисла дека ние сме појаки, понадмоќни. Тоа не е добро, така не треба да се игра, рече голгетерката Радица Дукова.

Фудбалерките анализата на играта, по последниот одигран натпревар, ја правеа како дел од стратегијата на играта со која ќе настапат викендов во Струмица. Таму ќе „бијат битка“ со „тврд“ противник. Знаат дека таму неможат да се надеваат на поддршката на дванаесеттиот играч, публиката. Но она што сакаат да и го порачаат е дека ја очекуваат на трибините кога играат на домашен терен. На последниот натпревар на Градски имаше едвај педесет навивачи.

– Тоа не ни е драго. Видовте како победивме и како немавме со кого да ја споделиме радоста. Многу често посакуваме, освен нашите семејства, на трибината да седат велешани кои ќе го следат секој наш напад, ќе не бодрат, ќе аплаудираат и ќе му се радуваат на секој наш постигнат гол. А ќе има многу голови, ветуваме, рече голгетерката Наташа Лефкова.

Во екипата на ЖФК „Борец“ се голманките Оливера Арсова и Ивана Аврамовска. Во одбрамбениот состав играат Ангела Гиновска, Тања Тодевска, Џанета Шабани, Деспина Заркова и Ангела Стојанова. Во составот на средниот ред  се Ема Тодевска, Елма Шемсовиќ, Ана Андова,Наташа Лефкова и шпиц играчите Радица Дукова, Дора Кочова и Сара Ѓошева./ Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.