Велешани кои ја одбележаа 2021 година: Борачот ветеран, Ангел Мицев – Скакар
Заслужено, на крајот на минатата година,спортскиот ветеран Ангел Мицев Скакар го доби посебното Признание за „60 години учество во борење“. Овој велешанец, е роден и живее на „Којник“, еден од најпознатите делови на Велес. Таму, горе, на ридот во градот познат како „Којник“ ги мине младешките денови кога кај него започнува да тлее љубовта кон овој вид на спорт. Младото момче го покажа својот талент во Железничарскиот боречки клуб „Борец“ и веднаш започна да ниже успеси. Мицев и денеска се сеќава на почетоците во матичниот клуб формиран само две години пред и тој да почне да тренира.
-Во 1959 тата се јави идејата за борењето, но тоа започна 1961 кога се основаше боречката федерација на Македонија. Интересот беше голем, првите тренинзи започнаа во Соколаана, во салата „Родна Ивева” простор во кој се собираа железничарите, па продолжија во Младински дом, каде се боревме на отворено, на цементираната пчоча а потоа во салата на домот поточно на бината. Некое време ги користевме салите на Гимназија и на ОУ „Васил Главинов“ и на крај да добиеме простор во градската спортска сала „Гемиџии”. Првото име на клубот беше „Железничар“. Во изминатите 60 години во клубот продефилираа многу борачи. Ќе споменам дел од нив како Трајче Николов, Илија Хаџиарсов, Кире Ќучуков, Стојан Мицев -Чолега, Љупчо Коцев – Листон, Јосиф Брчков, Димо Алексов, Хамид Бакија, Драган Мицев, браќата Николови и многу други. За време на постоење на боречкиот клуб ќе ги издвојам двата врвни настани, организирани во Велес. Тоа се боречките натпревари „Бисери” во 1985 и во 1995 година, со учество на голем број борачи од исто така голем број на држави. Во моментов борењето е сведено на турнирски систем на натпревари а забораваме дека е наш најтрофеен спорт со големи успеси од олимпијади и светски првенства. Во Велес се работи има млада популација која го сака борењето а радува фактот и девојки започнаа да тренираат и се натпреваруваат. Годините го чинат своето, знам да наминам во сала и се радувам кога гледам со каков ентузијазам се работи, додаде Мицев.
Боречкиот клуб „Борец“ кој минатата година одбележа 60 години постоење во моментов тренинзите ги обавува во спортската сала „Гемиџии“ каде ги има оптималните услови за работа.
Лазар Лазаревски