(Видео и фото) Над деветстотини учесници, годинава, на атлетската трка „Трчаме за Рацин” во Велес
Во атлетската трка „Трчаме за Рацин“, којашто вчера вечер се одржа на дел од централните градски улици во Велес учествуваа над 300 деца и над 600 возрасни учесници. Возрасните трчаа на две трки, првата во должина од 5 км и 10 км.
Стартот и целта на учесниците во трката беше на улица „Благој Ѓорев“ пред споменикот на Кочо Солев Рацин кој што се наоѓа во паркот на велешката Гимназија. Професионални атлетичари од Велес, од Македонија како и од Италија, Канада, Обединето Кралство и Косово годинава земаа учество на третата трка “Трчаме за Рацин“.
Во неа учествуваа и голем број на велешани како и граѓани рекреативци од повеќе македонски градови. Меѓу нив беа и градоначалникот Марко Колев како и Даниел Јаневски,член на Совет на Општина Велес.
На учесниците не им одеше во прилог многу жешкото и спарно време како и жешкиот асфалт. Сепак немаше откажување да се стигне до целта како со трчање така и со пешачење.
Во трката на 5 км од учесничките жени прва стигна Ирма Хајдари, втора Емили Иваноска и трета Марија Пеликон.
Првото место на 5км во категорија мажи го освои Александар Арсов, второт Роберто Димитриевски и третото место Григоријан Никовски.
Годинешни победници на трката во должина од 10 км во категорија жени се Адријана Поп Арсова која го освои првото, Фросина Михајловска на второто и Теа Божиновска на трето место.
Прв на целта од учесниците мажи на трката на 10 км стигна Мартин Трајановски, втор Ријат Шеипи и трет Миле Иванов.
Организатори на трката „Трчаме за Рацин“ се Атлетски клуб „Борец“ и Општина Велес а очигледно беше дека кај голем број на учесници и по трката имаше енергија за забава.
Убавка Јаневска