(видео и фото) Велес повторно домаќин на „Спортските игри“ – меѓународен спортски спектакл од 3 до 7 јуни во Градски парк

Во срцето на Велес, четврта година по ред, од 3 до 7 јуни ќе се одржат „Спортските игри Велес“, настан кој прерасна во вистински спортски бренд на градот и пошироко. Градскиот парк и годинава ќе биде центар на спортски возбудувања, дружење и натпреварувачки дух, со учество на спортисти од земјава и од странство.
Љубителите на спортот ќе имаат можност да следат натпревари во фудбал, кошарка, одбојка на песок, тенис и новиот адреналински спорт – тед бол, односно тенис со нога. Екипите кои се пријавени ќе се борат за високите пласмани, а посетителите ќе може да уживаат во спортските мајстории и богатата програма.
Организаторот Бубе Црвенпанов со задоволство најави дека годинава се пријавени околу 640 учесници во петте спортски дисциплини, што претставува досегашен рекорд. Тој откри и дека годинашна специјална гостинка ќе биде европската шампионка во одбојка на песок, Марија Серана од Шпанија, што дополнително го зацврстува меѓународниот карактер на игрите.
На денешната прес-конференција, градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, изрази гордост што Велес е домаќин на настан од ваков обем и водечки спортски собир во целата држава.

Филип Алчев, оперативен технички директор на игрите, на денешната прес конференција изјави дека сите терени се подготвуваат со голема грижа и посветеност и напомена дека спортските игри носат енергија, дружба и спортски дух на почетокот на секое лето.
Во името на генералниот покровител – Државна видео лотарија на Македонија и Casinos Austria, Елена Шалевска упати честитки до организаторите и соопшти дека со донација од околу 20.000 евра директно придонесуваат во организацијата на настанот.

Организаторот на турнирот во мал фудбал, Жарко Спасовски, најави возбудлив турнир со присуство на играчи од футсал репрезентацијата на Македонија, велешки спортски легенди, како и тимови од Скопје, Струмица, Радовиш и Штип.

Трајче Миланов организатор на одбојката на песок, соопшти дека интересот е огромен – дисциплината годинава е поделена на машка, женска и мешана категорија. Пријавени се екипи од Србија, Црна Гора, Иран, Куба и Шпанија.
-Гордост ни е што ќе ни гостува и МВП на црногорското првенство. Местата за одобјката се пополнија за кратко време и имавме слатки маки бидејќи се бараше место повеќе. На љубителите на спортот им гарантираме забава и уживање, додаде Миланов.
Тенисот годинава ќе понуди натпревари во сингл со 32 учесници, и дубл категорија, која се воведува за првпат, со 16 пријавени двојки. Организаторите Влатко Јаковлевски и Костадин Петров очекуваат квалитетни мечеви и голем интерес од публиката.
Дополнителна вредност на игрите носи ангажманот на младите – повеќе од 50 волонтери се вклучија со сопствена иницијатива, што според организаторите е најсилната мотивација за продолжување на оваа традиција.
На крајот од прес-конференцијата, Бубе Црвенпанов се заблагодари на сите институции и поддржувачи – Министерството за спорт, Општина Велес, ЈКП Дервен, Парк спорт и паркинзи, интернатот „Лазар Лазаревски“, СВР Велес, ЈЗУ Здравствен дом Велес и Општата болница.
Стефани Манева
