Во Општина Лозово втор Атлетски маратон, победници Ивановски и Поп Арсова
На вториот Атлетски маратон „11 Октомври Лозово 2023“ што општина Лозово го организира по повод празникот, на 15 километри победници се Дарио Ивановски во машка и Андријана Поп Арсова во женска конкуренција. Во одлични временски услови тие трчаа на релација Лозово-Милино-Каратманово-Дурфулија-Лозово каде беше стартот и целта на трката. Покрај медали и пехари тие добија и ваучери од 12, осум и шест илјади денари за прво, второ и трето место. Втор на 15 километри во машка конкуренција е Жан Тосев, трет Александар Арсов. Од велешките клубови четврто место освои Тале Илиевски од АРК „Борец“ а петото место го освои Роберто Димитриевски од АК „Велес“. Во женска конкуренција на 15 километри втора е Теа Божиновска а трета Марија Стојановска.
На трката имаше 53 учесници во машка и женска конкуренција професионални атлетичари од атлетските клубови од Велес, Скопје, Гевгелија и други градови како и атлетичари аматери.
Инаку трката беше во четири категории: на трката од 100 метри учествуваа деца од 7 до 10 години, на 200 метри од 11 до 14 години и трка на 400 метрина на која учествуваа тинејџери од 15 до 18 години. Во сите категории на крајот свечено беа прогласени најдобрите за прво, второ и трето место во машка и женска конкуренција и им беа доделени медали и пехари.
За највозрасен учесник на трката на 15 километри пофалница доби 77 годишниот Санде Стојановски од Лозово, а за најмлад учесник Никола Саздовски од Лозово.
Воедно градоначалникот Бошко Цветковски во својство на организатор на сите учесници на маратонската трка при пристигнување на целта им ставеше медал за учество.
Стефани Манева