Запливаа рекреативците на Велешки пливачки маратон
Со трката на рекреативците, во која учествуваат десеттина пливачи, на езеро „Младост“ започна деветиот Велешки пливачки маратон. Најголем дел од нив се велешани како и пливачи кои дојдоа од други градови на државата за да учествуваат на маратонот. Студеното време и силниот ветер што претпладнево дува во велешко го пролонгираа стартот за скоро два часа.
Тоа значи дека денеска се поместува стартот и на останатите пливачки трки.
Маратонот го отвори градоначалникот на Велес, Марко Колев кој ги поздрави присутните и натпреварувачите велејќи дека како годинава така и до крајот на својот мандат ќе ја поддржува оваа значајна спортска манифестација.
Во свечениот дел на маратонот, Горан Стојановски од националната пливачка федерација исто така соопшти дека Велешки пливачки маратон влегува во календарот на ФИНА.
Годинава, стартот на маратонот е од плажата на хотел „Романтик“ каде се очекува присуство на голем број на гости и вљубеници во пливањето.
Лазар Лазаровски