Афористичарот Крлевски вчеравечер повторно ги насмеа велешани на промоцијата на книгата „Крлевизам-избрани афоризми“ (ФОТО)
Вкупно 2222 афоризми содржи новата книга „Крлевизам – избрани афоризми“ на велешкиот афористичар Атанас Крлевски. Ова е негова 10 книга по ред и претставува избор од целокупната негова продукција на афоризми, нешто што создавал со години. Промоторот на книгата, Ана Витанова Ригачева, смета дека оваа книга е интересна за секој читател бидејќи преку афоризмите читателот може да го подобри сопственото однесување или полесно да ги детектира сите маани коишто ги има општеството.
– Јас ја имав честа да го направам изборот на афоризми бидејќи тој има напишано илјадници афоризми. Книгата содржи 2222 афоризми, во неа се сместени најдобрите и најтемелните афоризми коишто се инспирирани од општествените случувања, од економскиот, политичкиот, социјалниот живот тоа се оние посериозните ако можам така да ги наречам и афоризми коишто се посветени на жената, на бракот коишто предизвикуваат полесна насмевка кај читателот, додаде Витанова Ригачева.
Покрај промоцијата на книгата, присутните во Ликовен салон, имаа можност да ја погледнат и изложбата на аматерски фотографии насловена како „Велес од мојот објектив“. Ова е втора изложба на Крлевски на која се презентирани педесетина фотографии.
-Сите фотографии се сликани во еден подолг период иако повеќето се од поново време. Бидејќи фотографиите се на тема Велес особено ми беше драго. Мојата прва изложба беше во 2016 година, на истото место, во Ликовен салон. Промотор на изложбата е Елица Николова, кустос-советник при ЛУ Народен музеј Велес, додаде Крлевски.
Промоцијата на книгата „Крлевизам – избор на афоризми“ и изложбата на аматерски фотографии беа одржани во Ликовен салон Велес. Настанот го отворија „Распеани велешани“ коишто изведоа повеќе познати велешки староградски песни.
Стефани Манева