Бесплатно летување за деца од социјален ризик и корисници на посебен додаток

Министерство за социјална политика, демографија и млади објави повик за користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација за деца на корисници на детски додаток, додаток за образование и гарантирана минимална помош родени во периодот од 2011 до 2014 година, како и деца корисници на посебен додаток до 26 години.
Услугата ќе се користи во текот на летниот распуст во смени по седум дена и опфаќа шест полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), едукативни, забавни и спортски активности.
Децата корисници на посебен додаток имаат право на придружник за време на одморот. Услугата вклучува и превоз на децата и нивните придружници до објектот и обратно.
„За користење на бесплатната услуга за одмор и рекреација потребно е да се поднесе барање до надлежниот Центар за социјална работа, според местото на живеење. Барањето го издава надлежниот Центар за социјална работа. Барањата ќе можат да се поднесуваат најдоцна до 28.05.2025 година.Лицата кои ќе ја користат услугата навремено ќе бидат информирани од страна на надлежниот Центар за социјална работа.“, информира Министерството.
Оттаму додаваат дека приоритет при рангирањето ќе имаат лицата кои досега не ја користеле услугата.
Дума.мк
