ЦГК: 41 % од лицата за Јавни набавки во институциите сметаат дека во набавките има корупција
Центарот за граѓански комуникации,ЦГК, ги објави денеска трите документи Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки, кој вклучува и анкети со фирмите и со претставниците на државните институции; Индексот на рационалност каде што се споредени цените по коишто различни институции набавувале сосема исти производи или услуги и Анализа и база на податоци за јавните набавки на општините за 2023 година. Станува збор за истражување коешто граѓанската организација го спроведува долгорочно и ги следи трошењата на финансиските средства преку спроведување на овој вид на набавки од страна на јавните институции во државата.
Според клучните наоди на истражувањето спроведените јавни набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени биле договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 % повеќе од претходната година.
Мониторингот на јавни набавки покажал дека просечниот број понуди по тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите добиена била само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар на набавките. За 41 % од лицата за јавни набавки во државните институции во набавките често има корупција. Најголем дел од нив на ЦГК му рекле дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси, и дека поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите.Исто така и 51 % од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 % од компаниите вклучени во истражувањето.
Индексот на рационалност открива големи разлики во цените по коишто институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари.
Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, општините за набавки потрошиле 40 % повеќе пари од претходната година и дека само десет фирми добиле 25 % од вредноста на сите тендери.
Центар за граѓански комуникации извештаите и истражувањата ги изработи во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Дума.мк