ЦУК: 1.895 повици на 112 во последното деноноќие, утрово нема активен пожар на отворено – сите седум пријавени биле изгаснати
Центарот за управување со кризи, информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.895 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 40,74%, а 59,26% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 65,45%, кон Итната медицинска помош 27,27%, а кон пожарникарите 5,45% од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 1,45% со другите 59,26% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1 123 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
ЦУК информира дека утрово нема активен пожар на отворено. Имало вкупно седум пожари на отворено во државата, пожарникарите сите ги изгаснале, истовремено гаснејќи и други пожари во населените места во последното деноноќие.
-По една таква интервенција имале пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Прилеп, ТППЕ Струмица ТППЕ Валандово, ТППЕ Гевгелија, ТППЕ Старо Нагоричани и пожарот над с. Порој, што беше запален сношти на стемнување, заради ниските температури пожарот е самоизгасен. Инаку, по добиената информација околу 19.00 часот на 112 за пожар над с. Порој, од ЦУК биле известени сите надлежни, но не било можно да е интервенира, бидејќи горело високо на непристапен терен и почнала ноќта, а и немало опасност за загрозување на населено место, додаваат од ЦУК.
Оттаму апелираат овој викенд да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации (минатиот викенд имаше околу 80 пожари на отворено). Истовремено, потребно и корисно е да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Дума.мк