ЦУК: Вчера имаше 18 пожари на отворен простор, активни се уште два

Центарот за управување со кризи (ЦУК), согласно информациите од неговиот Сектор за операции и координација, информира дека пожари на отворен простор вчера имало вкупно 18, од коишто активни се уште два. Во Општина Македонски Брод, во атарот на с.Белица, месност „Аргулица“ (под Солунска Глава) гори ретка борова шума на карпест терен со длабоки провалии и е речиси невозможно за пристап за лица и за гаснење. Во текот на денот интервенирала противпожарна екипа од ТППЕ Македонски Брод и од ЈП Национални шуми – подружница „Сандански“ Македонски Брод.
Вториот, се уште активен, пожар е во Општина Чашка, кај месноста „Изворите на Бабуна“, во реонот на с.Нежилово, што почнал околу 15:00 часот вчера и гори букова шума. За негово гаснење интервенирале противпожарни тимови од ЈП „Национални шуми“, подружница ,,Бабуна“- Велес.
Пожарите во последното деноноќие биле распрскани на целата територија на државата, во општините:
– Општина Сопиште, кај с.Говрлево и с.Долно Соње (каде што горела ниска вегетација);
– Општина Сарај, с. Копаница (ниска вегетација);
– Општина Прилеп, с.Црнилиште (ниска вегетација);
– Општина Василево, помеѓу с.Радичево и с.Дукатино (ниска вегетација);
– Општина Гевгелија, кај с.Смоквица помеѓу железничката пруга и р.Вардар (земјоделски површини);
– Општина Струмица, с.Куклиш (ниска вегетација);
– Општина Радовиш, с.Ораовица (ниска вегетација);
– Општина Неготино, с.Пепелиште (ниска вегетација)
– Општина Куманово, 3, с. Винце, с. Тромеѓе и нас. „Баново Трло“ (ниска вегетација);
– Општина Тетово, 2, с.Фалише и с. Боговиње (сува трева);
– Општина Прилеп, 2, меѓу с.Лажани и с.Кошино и на патот Прилеп – Битола, кај с.Тополчани (ниска вегетација) и во
– Општина Кривогаштани, кај с.Кореница (каде што горела сува трева).
Дума.мк
