Декемвриската потрошувачка кошница чини 56.522 денари
Над 56.000 денари (56.522 денари) се потребни за декемвриската синдикална минимална кошница и тоа под претпоставка дека сте семејство од двајца родители и две деца (ученици), дека живеете во сопствен стан од околу 60 квадрати и ги купувате основните прехранбени производи и тоа шетајќи од дуќан во дуќан, барајќи ги оние со пониски цени или на акција. Во кошницата се влезени и трошоците за облека и таа на попуст. За да ја наполните, не е доволна една просечна плата (под претпоставка дека таа за декември ќе биде над 39.000 денари), уште помалку се доволни две минимални плати, а зад. Според неа оваа година оволителни се една просечна и една минимална плата.
-Работевме модел во кој семејството има еден мал автомобил, а повозрасното дете има и месечен билет за автобуски превоз. Треба да се напомене дека сите членови на семејството се здрави и користат само превентивни или најнеопходни здравствени услуги. Но не можат да си дозволат да јадат во ресторани, единствено два пати месечно може да дозволат брза храна од сендвичара и одат на одмор во бунгалов во Дојран, само 7 дена и тоа во јуни – објасни професорот Никола Поповски, кој заедно со професорот Драган Тевдовски е еден од изготвувачите на новата методологија.
Од него и информацијата дека потешко им е на семејствата кои плаќаат кирија, бидејќи нивната синдикална кошница е поскапа 21.324 денари поради трошоците за станарина, вода, струја и греење.
-Структурата на кошницата која не е променета од 2011 година, сега има нови 4 ставки за разлика од актуелната или вкупно 11 и таа ќе биде основа за пресметка на минималната плата во март догодина – посочи Поповски.
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, вели дека по критиките дека досегашната кошница не соодветствува на реалната слика за животниот стандард, тие ги ангажирале двајцата поранешни министери за финансии, кои два месеци ја работеле новата методологија.
-По 13 години време беше за ревизија, бидејќи растат и трошоците, но и минималната плата. Ова ќе биде мотив плус за работодавачите да се грижат за своите работници и поголемиот дел од нивните приходи да ги пренасочат за плати на работниците – истакна Трендафилов.
Министерката за труд и социјала Јована Тренчевска ја поздрави новата методологија и го пофали ангажманот на ССМ и истакна дека годинава биле направени неколку битни чекори за унапредување на работничките права.
-Ја зголемивме минималната плата, по 15 години го потпишавме Општиот колективен договор и имаме се поуспешен социјален дијалог. Нашата цел е да обезбедиме достинствен живот на работниците, а новата пресметка на кошницата ќе ни биде репер за идните политики и во социјалната заштита. Се радувам на иницијативата на ССМ заедно со професорите Поповски и Тевдовски во изработката на една нова методологија за синдикална минимална кошничка, која ќе ни помогне да ги анализираме вистинските потреби на семејствата, олеснувајќи го формулирањето на политики кои што промовираат економски раст и ќе ја намалат сиромаштијата – истакна Тренчевска.
Дума.мк