Добавувачите ги диктираат цените, супермаркетите работат со ниски профити, смета Сојуз на Стопански комори

Објавено на 6 февруари, 2025 во 13:07

Супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи, покажала анализата на Сојузот на стопански комори на Македонија.

„Супермаркетите работат со просечна профитна маржа од само 0,83%, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32%. Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13%, додека супермаркетите остануваат под 3%.

На листата на 15 најголеми добавувачи се покажува дека овие компании генерираат големи профити, но вработуваат многу малку луѓе. Тие сочинуваат 11,8% од вкупниот приход на производителите, но 21,3% од нивниот вкупен профит.

„Маркетите никогаш не ги зголемуваат цените самостојно, промена на цените се случува поради промените на цените на производителите или добавувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите. Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостаток на производи. Само во месец јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 добавувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи“, велат од ССКМ.

На одржаниот состанок со претставниците на малопродажните ланци и локалните клучни партнери а врз основа на анализата, се донесоа заклучоци дека потребна е поголема транспарентност во формирањето на цените, Владата и институциите да ги прошират контролите на цените и во регулацијата да ги вклучат и добавувачите и увозниците, да се прошират регулаторните мерки со цел да се спречат добавувачите од манипулации со цените, а потрошувачите мора да знаат кој ги поставува цените што би се направило преку јавни кампањи за подигнување на свеста. На состанокот, исто така, беше договорено меѓу сите малопродажни ланци и локалните клучни партнери да не се примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година.

Сојузот на стопански комори на Македонија бара транспарентност и фер одредување на цените низ целиот синџир на снабдување, па затоа повикуваме на поголема транспарентност, затоа што време е да се адресира вистинската причина за високите цени и секој во процесот треба да има одговорност.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.