Во Македонија одлична бизинс клима само на хартија, реално има прoблеми!
Како и во изминативе неколку години, така и годинава како репер за бизнис климата во земјава се зема извештајот „Дуинг Бизнис“ на Светската банка. Во извештајот за годинава, Македонија се најде на 23 место на листата од над 180 земји, што за министерот за финансии Зоран Ставрески е потврда за владините реформи.
Тој посочи дека Македонија е лидер за водење бизнис во регионот. Реалноста не секогаш ги рефлектира очекувањата, забележува универзитетскиот професор и член на СДСМ Ванчо Узунов, пренесува Радио Слободна Европа.
„Она што според методологијата го мери „Дуинг бизнис“ е чисто формално правно, на хартија, постоење или непостоење на теоретски пречки за добро водење бизнис. Сега вие во закони и во подзаконски акти, како што е во Македонија, ги бришете тие пречки, ги немате, или, пак, уште повеќе, сте имале големи пречки, па се намалиле, што значи покажувате движење во насока на намалување на пречките, според методологијата, Дуинг бизнис ве оценува како добар реформатор.“
Праксата не се интересира за хартии и формални правила туку за суштинските случувања и реалниот живот, вели Узунов.
„Реалниот живот во Македонија покажува дека климата за деловно работење во Македонија е сè, само не добра, односно има уште многу, многу простор за подобрување и далеку од тоа дека треба да бидеме задоволни. Напротив, треба да бидеме многу загрижени дека во реалноста климата за водење бизнис не е добра“, вели Узунов.
