„Саса“ го зголемува производството!

Објавено на 4 јули, 2013 во 15:46

Отворен е нов коп вреден 18 милиони евра во рудникот „Саса“ во Македонска Каменица.

– Оваа инвестиција значи продолжување на експлоатацискиот рок на рудникот за 12 години и отворање нови работни места кои на почетокот ќе бидат околу 30 – изјави на отворањето на новиот коп на рудникот, директорот Александар Раков.

На денешното отворање на новиот коп, министерот за финансии, Зоран Ставрески, рече дека секторот рударство е значаен за македонската економија со учество од над 18 отсто во бруто домашниот производ. Тој потенцираше дека особено радуваат позитивните стапки на раст на производство во рударството во првите два месеци од оваа година, кои надминуваат 17 отсто.

Од отворањето на новиот коп се очекува позитивно да влијае на економскиот раст, особено ако се земат предвид поволните трендови на светските берзански цени на оловото и на цинкот.

– Извозот на метални руди и други производи од рударството во периодот јанаури-април 2013 година изнесува 49,9 милиони евра, што претставува значителен раст од 31,5 отсто во однос на истиот период од минатата година, кога изнесуваше 38 милиони евра. Вредноста на извезените метални руди и други производи од рударството во минатата година изнесуваше 134,7 милиони евра – рече Ставрески.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.