Развој на руралните средини преку отворање на бизнис и работни места!
Со 15 милиони евра преку ИПАРД програмата ќе бидат стимулирани граѓаните во руралните средини да отворат сопствен бизнис како игротеки, градинки, фризерски салони и да го подобрат квалитетот на живот.
Педесет отсто од парите потребни за инвестицијата ќе можат да ги обезбедат преку проекти со кои ќе конкурираат во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Во предвид доаѓаат и проекти за развој на туризмот, занаетчиството, алтернативното зејоделство, угостителството а целта е да се отворат нови работни места.
– Оваа година е направен уште еден исчекор, претходно проектите што беа поддржани од државата преку кофинансирање беа од пет илјади до 200 илјади евра, годинава долниот праг е симнат на три илјади евра, а горниот зголемен на 450 илјади евра. Исклучок се туристичките капацитети каде е дозволено финансирање проекти во износ до 750.000 евра, што го покажува посебниот акцент на можностите што се даваат во туристичката дејност – рече Ѓорѓиев.
Заинтересираните граѓани од руралните средини треба да достават барање до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, со образложение за проектот. Огласот треба да биде објавен следнава недела од страна на Агенцијата за финансирање на земјоделскиот и на руралниот развој и ќе трае 45 дена.
