Фактор:Повторно пад на индустриското производство

Објавено на 27 септември, 2013 во 20:51

Според последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика,индустриското производство во август бележа пад од 1,2 проценти споредено со истиот месец лани. Ваквиот негативен податок доаѓа по јулскиот раст, кога индустриското производство порасна за 3,9 отсто, објави Фактор.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во август 2013 година, во однос на август 2012 година, бележи пораст од 4,8 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 2,9 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 4 проценти.

Според главните индустриски групи, производството во август 2013 година, во однос на август 2012 година, бележи пораст кај Енергијата за 2,6 отсто и Капиталните производи за 5,8 отсто, додека опаѓање бележи кај Интермедијарните производи, освен енергијата за 3,1 отсто, Трајните производи за широка потрошувачка за 15 отсто и Нетрајните производи за широка потрошувачка за 1,4 отсто.

Во првите седум месеци годинава, индустријата пораснала за 2,2 % во однос на истиот период од минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Сепак, поради полошите бројки за август, вкупниот раст на индустријата во осумте месеци од годинава, споредено со истиот период лани, сега е 1,7%.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.