Нова сопственичка структура во Зегин
Деновиве во домашните бизнис кругови се шири информација дека во редот на фирмите кои тајкуни блиски на власта ги купуваат целосно или влегуваат со поголем дел во нивната сопственичка структура е и веледрогеријата „Зегин“ на Благој Механџиски.
Тој во разговор за Либертас потврди дека од неодамна е направена промена на сопственичката структура на веледрогеријата, но тврди дека тоа го направил заради новиот закон без никаков притисок.
– Точно е дека јас не сум веќе сопственик на веледрогеријата, му ја префрлив на мојот внук од сестра, фармаколог кој има завршено во Америка и е успешен во неговата работа во Германија. Аптеките „Зегин“ им ги префрлив на двете ќерки кои се дипломирани фармацевти а јас сум почесен претседател и работам на формирање на нова компанија која ќе отвори ланец продавници за здрава храна во Македонија – изјави Механџиски за Либертас.
Тој како измислици ги нарече муабетите дека бил притиснат од власта поголем дел од веледрогеријата да им ја „продаде“ на нивни луѓе со наводни уцени дека ќе го гонат за неправилности со стоковните резерви на лекови кои биле во неговите магацини.
– Не, не, тоа се измислици, никаков Мијалков, никакви уцени. Едноставно, ја престројувам фирмата во мултинационална компанија, ние работиме многу и за извоз и затоа се овие промени – вели Механџиски за Либертас. Тој одрекува неправилности со стоковите резерви и вели дека тоа биле само прикаски.
Инаку, во бизнис круговите деновиве се шпекулира дека тајкуните на власта му ја зеле веледрогеријата соочувајќи го со малверзации со стоковите резерви со лекови, и дека наводно фатен во тесно морал да попушти. Механџиски кој направи империја од аптеки во државава низ годините го следеа скандали, но тој успеваше секогаш да излезе како победник од нив.
