ЦГК објави нови резултати од редовниот мониторинг на јавните набавки на локално ниво

Објавено на 18 ноември, 2014 во 08:43

Во послениот извештај од редовен мониторинг на постапките за јавните набавки што го објави Центарот за граѓански комуникации клучните проблеми со кои се соочиле фирмите се oбемна документација, задоцнети плаќања и услови за учество на тендерите. Истражувањето на ЦГК покажало дека фирмите чекаат половина година за да ги наплатат побарувањата од тендерите. Над 46,1 отсто од фирмите потенцирале дека во постапката за учество на тендер се бараат многу документи за чие обезбедување е потребно време и пари. Тие бараат измени на Законот за јавни набавки. Анкетираните фирми и бизнисмени посочиле и други проблеми како што се:

„Oткако најниската цена се воведе како единствен критериум за доделување на јавните набавки, а електронската аукција е задолжителна за сите тендери, бројни се примерите на тендери во кои се постигнуваат толку ниски цени со што се доведува до прашање квалитетот на реализацијата на договорот“.

„Транспарентноста и натаму е еден од главните проблеми во јавните набавки во земјава. Некои државни институции не ги објавуваат или ги објавуваат со задоцнување податоците за склучените договори за јавни набавки, а други, пак, не ги доставуваат податоците како одговор на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер“.

„Само неколку месеци пред стапувањето на сила на законските одредби (октомври до декември 2013) со кои објавувањето на тендерската документација стана задолжително (од јануари 2014), а поставувањето услови за учество на тендерите – отежнато и казниво (од мај 2014), во 45% од мониторираните тендери не се објавила тендерската документација, а во дури 60% се поставени високи услови за учество на фирмите на тендерот“.

„Поништувањето на тендерите не престанува да претставува проблем во јавните набавки. И во овој мониториран период процентот на поништени тендери се движи околу, веќе просечните за тендерите на локално ниво, 15%“.

„Рокот за донесување одлука за избор се почитува, но се одолжува потпишувањето на договорите“.

Резултатите на Центарот за граѓански комуникации се дел од постојан мониторинг и редовни анкети на фирмите кои учествуваат во постапките за јавни набавки во земјава како и од нивното искуство и мислења за спроведувањето на тендерите.

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.