Субрата Рој си оди ќе се бара нов инвеститор за Џумајлија
Отакако пропадна бизнисот со контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој во агрокомбинатот Џумајлија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) одлучи да бара нов инвеститор.
Како што соопшти министерството, утре ќе објави повик за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост во Џумајлија, со површина од 4.435 хектари.
Компаниите заинтересирани да го шират својот земјоделски бизнис во Џумајлија треба да достават бизнис план со износ на вкупните инвестиции, опис на применетите технологии, спецификација на механизацијата и планираниот број вработени по години.
Заинтересираните компании ќе треба до 22 април да достават по електронски пат писмо за изразување на интерес во кое ќе наведат низа информации, меѓу кои и за сопственичка структура, преглед на финансиски извештаи за последните три години и краток опис на бизнис планот.
Министерството за земјоделство пред некое време ја активираше банкарската гаранција од три милиони евра и го раскинува договорот со Рој за Џумајлија, кој требаше да донесе првични инвестиции од 211 милиони евра.
Според договорот компанијата на бизнисменот Рој беше должна за три години да набави 20.000 грла крави. На земјиштето од околу 6.000 хектари беше предвидено да се произведува добиточна храна, да се одгледува стока и да се направи регионална млекарница во која дневно требаше да се произведуваат 80.000 литри млеко.
Вкупната инвестиција во млечниот бизнис во земјава на Рој требаше да достигне 1,6 милијарди евра.
Во мај лани требаше да биде првата жетва, а веднаш потоа да започне набавката на кравите. Инвестицијата се најавуваше како најголема во последните 20 години, но до денес ништо од ова не е реализирано. Во 2013 година, Рој со тогашниот министер за земјоделство Љупчо Димовски и министерот за финансии Зоран Ставрески, го означија почетокот на проектот за земјоделство на Сахара груп. Качени на трактори и со сите православни обичаи ја најавија инвестицијата.
Извор: Плусинфо
