Вината на Тиквеш на англискиот пазар
Вината на Винарската визба „Тиквеш“ го освојуваат престижниот пазар на Велика Британија. На еден од најпребирливите вински пазари првите пратки на вината од сортите Смедеревка – Ркацители и Вранец – Мерлот веќе се во продажба во познатите маркетите „Marks and Spencer“ и тоа во 156 продажни места на овој трговски синџир.
Првата пратка за Велика Британија ВВ „Тиквеш“ ја реализираше во септември, а вината се најдоа на полиците во „Marks and Spencer” во текот на овој месец. Се очекува во следниот период да следи и нова пратка. Во маркетите „Marks and Spencer”, вината на „Тиквеш“ се продаваат во високиот ценовен сегмент, што е дополнителна потврда за квалитетот на вината.
За пласманот на вината на „Тиквеш“ во познатиот трговски синџир „Marks and Spencer“ во Велика Британија, пишуваше и водечкиот британски весник „The Times“. Во текстот под наслов „Alexander the grape invades M&S“ авторот на текстот правејќи асоцијација на Македонија, пишува за производствотo на вино во Македонија, потенцирајќи ја долгата традиција на вино производство уште од античко време.
