Владата се задолжи со 44,6 милиони евра

Објавено на 30 октомври, 2013 во 11:00

На вчерашните три аукции на државни записи и на една на државна обврзница, Владата собра 2,72 милијарди денари (44,6 милиони евра). Државните записи се со рок на отплата од шест месеци со камата од 3,10, 3,15 и 3,60  отсто, а обврзницата е со рок на отплата од пет години и камата од 4,60 отсто, јави Плусинфо.

Последните аукции на државни записи и обврзници покажаа дека интересот кај банките и фондовите и осигурителните компании за ваков вид вложувања и натаму е висок, а парите кои Владата ги добива на секоја аукција го надминува првично планираното. Така беше и на вчерашните аукции.

За откуп на шестмесечните записи без девизна клаузула банките учествуваат со 98.13 отсто, а другите клиенти со 1.87 отсто, додека пак записите со девизна клаузула главно ги откупија банките.

Банките овој пат не пројавија интерес за државната обврзница. Неа ја откупија другите учесници во аукцијата.

Според податоците на Министерството за финансии, Владата на домашните кредитори по основ на државни хартии од вредност должи речиси 1 милијарда евра.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.