Граѓаните без маски да пазарат во моловите и маркетите, предлага КЗБ
Комисијата за заразни болести предлага олабавување на две антиковид мерки. Претседателот на советодавното тело, д-р Александар Петличковски изјави дека по процена на епидемиолошката состојба, условите им овозможуваат за намалување на дел од рестриктивните мерки кои се во насока на спречување на ширењетоп на корона вирусот.
-Првата препорака се однесува на укинување на задолжителното носење маски во затворен простор. Тие повеќе нема да мора да се носат, освен на четири места, а тоа се здравствените установи, домовите за стари лица, аптеките и јавниот превоз. Значи таму и понатаму важи мерката задолжително носење маска. На сите останати места може да се носат само по желба, ако некој сака, изјави д-р Петличковски.
ОД КЗБ информираа дека втората препорака се однесува на следењето на контактите на заразените со ковид-19.
-Препорачуваме укинување на епидемиолошкото следење на контактите, а со тоа и укинување на мерката за изолациоја на контактите, изјави д-р Петличковски.
Досега во земјата се направени вкупно 1.974.520 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 307.142, бројот на оздравени пациенти е 296.373, на починати е 9.234, а бројот на активни случаи изнесува 1.535