Грција го намали рокот на важност на потврдите за прележан Ковид-19
Грција воведе две нови мерки кои ќе важат и за посетителите и туристите во земјата. Според тоа, постои забрана за влез во затворени простори за лицата над 60 години кои не примиле трета доза, а поминале седум месеци од вакцинацијата, што стапува во сила од понеделник и намалување на три од шест месеци на потврдата за прележан Ковид-19 од февруари следната година.
Со оглед на тоа дека пракса во Грција е сите мерки да важат за сите, без разлика дали се грчки државјани или туристи, истото ќе важи и сега, а според тоа и за македонските државјани за време на нивниот престој кај јужниот сосед.
Министерството тоа го направи по препорака на комисија составена од експерти.
Врз основа на таа одлука, сите ковид-потврди издадени до 30 октомври 2021 година престануваат да важат на 31 јануари 2022 година, а сите други по три месеци, објави „Катимерини“.
Како што е наведено, исклучок се само лицата кои поради здравствени причини не можат да ја примат вакцината.
-Промените се однесуваат на сите кои се наоѓаат на грчка територија и за двете мерки. Во однос на навршувањето седум месеци за сограѓаните кои се над 60 годишна возраст и немаат примено бустер доза, без разлика дали се грчки граѓани или граѓани на други земји кои во нашата земја се наоѓаат од други причини, важи токму истото, нема да ги имаат привилегиите на вакцинираните. Во однос на потврдата за прележан Ковид-19, од 31 јануари, односно по 1 февруари, им даваме еден неопходен временски период за да се прилагодат и да имаат можност да се вакцинираат, ќе важат токму истите правила и за Грците и за граѓаните на други земји, објасни портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому.