ИРЛ: Функционери и моќници си изградиле цела населба на заштитено државно земјиште во Трница
Изминатава деценија, на територијата на Националниот парк „Маврово“, веднаш над комплексот „Кораб Трница“, на диво е изградена цела викенд-населба од луксузни куќи и вили, иако не постои законска можност да се издаде градежна дозвола за таа локација, покажува последното истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Дел од вилите изградени целосно на државно и заштитено земјиште, се завршени и веќе се легализирани, додека други се градат во моментов. Меѓу оние кои изградиле или купиле вили на државен имот се помошник-министерот во МВР, Маријан Здравковски, пратеничката од ЛДП Моника Зајкова и актерите Игор Ангелов, познат по серијата „Преспав“, како и актерката од Драмскиот театар, Маја Вељковиќ.
Неофицијално, и институциите и околните жители споменуваат имиња на високи функционери од партиските подмладоци на повеќе партии кои биле коавтори на новата визија на Трница замислена на државен имот, а во пресрет на новиот закон за легализација на дивоградби.
Околу брегот на Мавровското Езеро речиси не остана празна парцела за градење. Во текот на изминатите две децении во Националниот парк „Маврово“ никнаа луксузни викендички, згради и хотели кои ги загрозуваат природните богатства. Сега, во обид да најде слободна земја за да гради, политичката и бизнис-елита го „окупира“ локалитетот Трница, кој се наоѓа на местото на некогашното село. Сега селото е претворено во елитно викенд-одморалиште преполно со луксузни вили изградени на државно земјиште. Општина Маврово и Ростуше не презема чекори за санкционирање на узурпаторите и уривање на овие дивоградби, правдајќи се дека ниту една фирма не се нафаќа да ги урне.
„Станува збор за објект кој моите родители во фаза на карабина го изградиле во 2010 година. Постапката за легализација на објектот е спроведена согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти, според услови што важеле за сите објекти изградени на целата територија на државата. За земјиштето не е поведена постапка за приватизација. Сите давачки и комуналии се уплатени врз основа на проценка на Општината“, одговори Зајкова на прашањата од ИРЛ за викендичката во Трница.
Но, временската рамка што ја изложи Зајкова не се вклопува со фактичката теренска состојба ако се погледнат сателитските снимки на „Гугл мапс“. Во 2011 г. куќите на Зајкова и Здравковски не постојат. Објектите првпат се појавуваат дури по 2014 година. Но, како што потврди и локалната власт, тие имале архивски број заверен во Општината со барање за легализација од 2011 година, кога според мапите куќи не постојат.
Зајкова како пратеничка јавно се спротивстави на донесувањето на новиот закон за легализација на дивоградби од 2021 година, поднесен од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Заедно со уште тројца свои сопартијци, таа испрати барање до претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува законот наведувајќи во дописот дека градењето дивоградби претставува кривично дело.
Прочитајте ја целата сторија на ИРЛ