Ковачевски се сретна со Зеленски: Македонија ќе продолжи да и помага на Украина се додека е потребно

Премиерот Димитар Ковачевски во Атина денеска се сретна со украинскиот претседател Володомир Зеленски. Како што соопштија од прес-службата на Владата, Ковачевски ја потенцирал континуираната и силна македонска поддршка на Украина во напорите за одбрана на земјата и враќање на слободата и мирот, а со тоа и стабилноста во регионот.
На средбата присутен бил и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„Осудувајќи ја бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина, Ковачевски повтори дека Северна Македонија ќе продолжи со недвосмислена и силна поддршка за Украина, во нејзината самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет. Овој пристап, Северна Македонија јасно го манифестира како на билатерална основа, така и во рамките на НАТО, како и со приклучувањето кон Декларацијата на земјите од Г7 за безбедносни гаранции за Украина“ – се наведува во соопштението.
Премиерот му порачал на Зеленски дека Македонија ќе продолжи да и помага на Украина се додека тоа е потребно, преку испраќање помош кон Украина, како што тоа го правеше и досега.
Претседателот Зеленски изрази благодарност за поддршката на Северна Македонија на Украина од почетокот на воената агресија, која е значајна за украинските сили и која украинскиот народ високо ја цени. Претседателот Зеленски информира за најновиот развој на состојбите на теренот – додаваат од Влада.
Премиерот Ковачевски во Атина присуствува на неформална вечера посветена на 20-годишнината од Солунската агенда, а организирана од неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис.
Дума.мк
